Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска изјави дека во светот само САД и Русија се способни да водат самостојни војни, додека Кина сè уште не располага со таа можност.
На предавање на Факултетот за организација и информатика во Вараждин, Милановиќ дел од својот говор го посвети на Русија и воениот конфликт во Украина. Тој истакна дека Русија се наоѓа во изолација, и дека земјите кои ја изолирале сочинуваат само мал дел од светската популација.
– Брилијантните стратези на Западот успеаа да ги збратимат Русија и Кина, создавајќи нова глобална динамика. Сега имаме две најопасни земји во светот како наши соседи, кои имаат одредена нервоза едни кон други – изјави Милановиќ, пренесува Хина.
Претседателот се осврна и на познатата изрека на Владек Мачек: „Кога големите се караат, малите одат под маса“, додавајќи дека во денешниот променлив свет „малите не одат под маса, туку се тргаат од масата“.
Милановиќ ја употреби оваа мисла како почетна точка за размислување за улогата на помалите земји во глобалната геополитика.