Министерството за наука, образование и млади на Република Хрватска донесе Решение со кое се воведува настава по македонски јазик и култура по модел Ц во најголемото подрачно основно училиште „Стрмец“ во градот Света Недела.
Веста ја соопшти Желка Ненадиќ од Управата за национални малцинства при хрватското Министерство за наука, образование и млади, за време на манифестацијата „Македонскиот јазик е нашиот идентитет“, проект поддржан од самото министерство. Иницијативата потекнува од група родители предводени од професорката по македонски јазик Ивана Брезовец.
Наставата по македонски јазик веќе се реализира во седум основни училишта и три гимназии ширум Хрватска. Првиот образовен центар што ја воведе беше ОУ „Никола Тесла“ во Загреб пред дваесет години, а во Првата гимназија во Загреб се изведува веќе единаесет години. Часовите се отворени за сите ученици – не само за Македонците – кои сакаат да го изучуваат јазикот, посочи професорот Иван Антоновски.
Антоновски ја истакна и работата на наставничката Наталија Лековска, Македонка која предава во ОУ „Владимир Назор“ во Потпиќан. Таа ги учи учениците од прво до трето одделение по македонски јазик и фолклор во рамки на целодневната настава. Нејзините ученици учествуваа на манифестацијата „Македонскиот јазик е нашиот идентитет“, каде изведоа Пајдушко оро и истарскиот „Истарски балун“, придружени од младата хармоникашka Анамарија Цариќ.
За настапот беа облечени во традиционални истарски носии, обезбедени од културниот ансамбл „Иван Фоновиќ Златела“ од Кршана и од МКД „Охридски бисер“ од Загреб. Антоновски нагласи дека голема поддршка даваат директорката Нада Перишиќ и родителите, што претставува јасен показател за позитивната клима и поддршката што Македонците ја уживаат во Хрватска.



























