Техничкиот мандатар на Косово, Албин Курти, објави амбициозен план за зајакнување на Косовските безбедносни сили (КБС) во наредните четири години, со буџет од над една милијарда евра. Во својот говор, Курти најави развој на домашни беспилотни летала „Made in Kosovo“, како и враќање во функција на фабриката за муниција.
Премиерот потенцира дека модернизацијата на армијата ќе се реализира преку набавка на современо оружје, обука и едукација во земјата, но и во соработка со Албанија и престижни воени академии во партнерските земји. Како дел од планот, ќе се формира заедничка воена единица со Оружените сили на Албанија, а регрутирањето на нови кадети ќе продолжи со посебен фокус на вклучување на жени, со цел да има околу 1.000 жени војници.
Курти исто така нагласи дека секој доброволен резервен војник ќе добие соодветна обука и оружје во случај на мобилизација, во рамките на сеопфатната програма за одбрана низ целата територија на Косово. Овој потег ја става Косово во центарот на регионалната милитаризација и отвора нови прашања за безбедносната рамнотежа на Западен Балкан.