Илон Маск ја загуби титулата најбогат човек во светот, но само на неколку часа, поради драматичен раст на акциите на компанијата „Оракл“. Нето-вредноста на основачот на „Оракл“, Лари Елисон, скокна за 89 милијарди долари на 383,2 милијарди откако компанијата објави силен квартален извештај и пораст на побарувачката за ВИ-капацитетот на центарот за податоци.
Акциите на „Оракл“ пораснаа за 43% пред да се затворат на околу 36%, што претставува најголем еднодневен раст на акциите од 1992 година. Благодарение на тоа, Елисон кратко го презеде врвот на листата на најбогати луѓе. Сепак, до крајот на денот, Маск повторно ја врати првата позиција со нето-вредност од 384,2 милијарди долари, надминувајќи го Елисон за една милијарда.
„Оракл“ се позиционира како клучен снабдувач на инфраструктура за компании за вештачка интелигенција, а пазарната вредност на компанијата се зголеми на околу 922 милијарди долари, што ја прави 13-та највредна компанија во „S&P 500“.
Маск првпат стана најбогат човек во 2021 година, благодарение на своите инвестиции во „Тесла“ и „Спејс-Икс“. Елисон, пак, започна својот пат кон елитата на милијардерите во 1977 година со основањето на „Оракл“ и денес поседува 98% од хавајскиот остров Ланаи, со значајни инвестициски и политички врски.