Франција и Германија најавија мобилизација на дополнителни воени ресурси за заштита на источниот фронт на НАТО, по серијата руски беспилотни упади во полскиот воздушен простор.
Францускиот претседател Емануел Макрон потврди дека Париз ќе распореди три борбени авиони „Рафал“ за одбрана на полското небо и поширокиот регион на Источна Европа. „Вчера му го дадов ова ветување на полскиот премиер Доналд Туск“, изјави Макрон на X, додавајќи дека разговарал и со генералниот секретар на НАТО Марк Руте и со британскиот премиер Кир Стармер. „Нема да попуштиме пред руските заплашувања,“ нагласи тој.
Во исто време, германската влада објави дека ќе ги зголеми своите обврски на источниот крилo на Алијансата. Портпаролот Стефан Корнелиус истакна дека Бундесверот ќе го продолжи воздушниот надзор над Полска, а бројот на авиони „Еурофајтер“ ќе се удвои од два на четири. Летовите, кои првично беа планирани до 30 септември, сега ќе продолжат најмалку до 31 декември.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц предупреди дека руските дронски нарушувања не се случајност, туку „сериозен инцидент што претставува закана за мирот во Европа“.
Полска регистрираше 19 упади на руски беспилотни летала во само два дена, а во соборувањето на дел од нив учествуваа и сојузници од НАТО – што претставува прв случај на директна воена акција на Алијансата за време на војната во Украина.
Советот за безбедност на ОН ќе одржи седница утре за да расправа за инцидентот.