Шведската влада најави дополнителна воена помош за Украина вредна 70 милијарди круни (околу 6 милијарди евра) за периодот 2026-2027 година. Дополнително, годинава е претставен нов пакет воена помош од 9,2 милијарди круни (околу 900 милиони евра), кој ќе се користи за набавка и испорака на воена опрема, вклучувајќи 18 орудија на артилерискиот систем Archer и еден крајбрежен радарски систем.
Досегашната помош за Украина, во рамките на постојниот план од 2024 до 2026 година, скоро е целосно потрошена, па за 2026 година останува околу една милијарда евра. Владиниот план предвидува дополнителни три милијарди евра за 2026 и четири милијарди евра за 2027 година.
„Намерата ни е да перераспоредиме дел од развојната помош за да ја зголемиме поддршката за Украина. Тоа е морално правилно и затоа што Украина е нашата прва линија на одбрана“, изјави шведскиот министер за развојна соработка Бенџамин Доуса.
Зголемената поддршка ќе се оствари преку промена на приоритетите во буџетот за развојна помош, што значи дека други земји и проекти ќе добијат помалку средства. Еден од примерите е Мјанмар, каде што постепено ќе се укинува развојната помош, додека хуманитарната и животно важната поддршка ќе продолжи.
Доуса истакна дека голем дел од шведската помош ќе се префокусира кон директна буџетска поддршка за државната каса на Украина, со цел да се обезбедат услуги како здравство и образование, бидејќи големиот дел од средствата на Украина моментално се насочени кон одбраната. „Додека САД го намалуваат својот ангажман, другите мора да ја зголемат поддршката за Украина да се спротивстави на Русија“, додаде тој.