Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес ги повика сојузниците на Киев да ги преиспитаат своите капацитети за противвоздушна одбрана по влегувањето на дронови во полскиот воздушен простор, за кои Варшава тврди дека се руски.
Говорејќи во Киев заедно со финскиот претседател Александер Стуб, Зеленски изјави дека Украина е отворена и подготвена да ги поддржи сојузничките напори. Украина успешно одбива многу руски воздушни напади користејќи украинско и странско оружје, од митралези до напредни проектили.
Зеленски истакна дека земјите како Полска треба да разгледаат сличен повеќеслоен пристап, бидејќи ракетните системи како американскиот Patriot се прескапи за справување со поевтините руски дронови.
„Никој во светот нема доволно проектили за соборување на сите различни видови дронови“, рече Зеленски. Полска вчера, со поддршка на НАТО, собори неколку дронови кои влегле во нејзиниот воздушен простор.
Полскиот претседател оцени дека станува збор за руска провокација со цел да се тестира одговорот на Полска и НАТО. Зеленски додаде дека Украина, која развила софистициран домашен пристап за одбрана од руски напади, може да им помогне на сојузниците.
Полскиот премиер Доналд Туск веќе се согласил да испрати воени претставници во Украина, кои ќе бидат обучени за соборување дронови, соопшти извор запознат со прашањето.