Цените на хотелскиот смештај во Хрватска во првата половина од 2025 година пораснале за 4,6 проценти во споредба со истиот период лани, покажува анализа на Хрватското туристичко здружение (HUT). Но, и покрај тоа, клучните трошоци за домашните хотелиери – работната сила и храната – се зголемиле двојно побрзо од оние во медитеранските конкурентни земји.
Според податоците на Евростат, трошоците за работна сила во Хрватска скокнале за 11,7 проценти, додека просекот во другите земји од регионот изнесува само 4,2 проценти. Цените на храната исто така пораснале за пет проценти, што е меѓу највисоките стапки во ЕУ, додека во повеќето конкуренти растот бил под 4 проценти, а на Кипар дури е забележан пад.
HUT укажува дека домашната хотелска индустрија веќе четири години по ред се соочува со двоцифрено зголемување на трошоците за работна сила – 11,3 проценти во 2022 година, 15 проценти во 2023, 13,6 проценти во 2024 и 11,7 проценти годинава. Таквиот тренд ја намалува профитабилноста, го ограничува инвестицискиот потенцијал и ја ослабува конкурентноста на хрватскиот туризам.
„Цените на хотелскиот смештај растат побавно од трошоците, што го намалува профитот и интересот за нови инвестиции“, вели директорот на HUT, Вељко Остојиќ. Тој додава дека токму хотелскиот сектор е клучен за долгорочен туристички сообраќај, поголема потрошувачка и стабилни работни места, но Хрватска сè уште има најслаба структура на сместување во Медитеранот – само 9,5 проценти од капацитетите се хотели.
Иако хотелите со четири и пет ѕвездички годинава имале пополнетост над 90 проценти, Остојиќ предупредува дека без нови инвестиции и подобрување на квалитетот на понудата, Хрватска ризикува да изгуби дел од туристите кои сè почесто избираат конкурентни дестинации со подобар однос цена–услуга.