Контроверзно отворање на автопатот кај Чачак: Вучиќ пушти недовршена делница во употреба
Српскиот претседател Александар Вучиќ е под критики поради отворањето на нова делница од автопатот во западна Србија, иако, според стручни извештаи, не се исполнети сите технички услови за нејзино безбедно користење. Делницата долга 19,5 километри, која е дел од трасата Чачак–Пожега, беше свечено пуштена во употреба додека јавноста сè уште е потресена од трагедијата во Нови Сад, кога во ноември минатата година при уривање на настрешница на реконструирана железничка станица загинаа 16 лица.
Иако трасата значително го скратува патувањето од Белград до туристичките центри како Златибор, делницата сè уште нема дозвола за употреба, а инженерите одбиваат да ги потпишат потребните документи. Владата на Србија минатата недела донесе декрет со кој привремено се суспендираат правилниците за безбедност на тунелите, што овозможи отворањето да се спроведе и покрај недовршената техничка документација.
Автопатот минува низ сложен терен, со 35 мостови и три тунели, меѓу кои и Муњино Брдо – најдолгиот во Србија, со две цевки долги речиси по 2,75 километри. Инженерската фела предупредува на потенцијално нестабилни свлечишта во овој дел, но Вучиќ јавно ја доведе во прашање нивната проценка, изразувајќи нетрпеливост поради доцнењето.
Изградбата е финансирана од државата преку Министерството за градежништво, а инвеститор е јавното претпријатие „Патишта на Србија“. Главен изведувач е кинеската компанија China Communications Construction Company, а договорената вредност на целата делница од Чачак до Пожега, долга речиси 31 километар, изнесува 450 милиони евра.
И покрај уверувањата на Вучиќ и директорот на „Патишта на Србија“, Зоран Дробњак, дека трасата е „безбедна и изградена според правилата“, инженерите задолжени за надзор едногласно одбиле да ја потпишат завршната документација потребна за добивање употребна дозвола.
Контроверзното отворање се случува во момент на силна јавна недоверба во институциите, особено поради сомневањата за коруптивни договори и нефункционален надзор во градежниот сектор, кои се предмет на истраги по несреќата во Нови Сад.