Полицијата во Осиек ја заврши криминалистичката истрага против 33-годишна жена, осомничена за измама на 38-годишна жена, која преку интернет мислела дека стапува во романтична врска, но на крајот останала без 30.000 евра.
Според информациите од хрватската полиција, осомничената од почетокот на 2023 година до јуни 2025 година, користејќи лажен идентитет и давајќи лажни информации, стекнала доверба кај жртвата и во повеќе наврати барала и добивала пари од неа. Во тој период, измамената жена ѝ испратила вкупно 30.000 евра.
Откако сфатила дека е измамена, 38-годишната жена го пријавила случајот во полиција. Против осомничената ќе биде поднесена кривична пријава до надлежното државно обвинителство.
Полицијата истовремено ги предупредува граѓаните на сè почестите романтични измами преку интернет. „Преку интернет никогаш не можете да бидете сигурни со кого навистина комуницирате. Не испраќајте пари, подароци или податоци за банкарски картички додека не се уверите во идентитетот на личноста. Измамниците често ја искористуваат довербата на жртвите за финансиска добивка“, апелираа од полицијата.