Грчките власти покренаа кривична постапка против 37 лица уапсени во голема полициска акција поврзана со скандалот за незаконско добивање европски земјоделски субвенции преку Агенцијата за управување со субвенциите од ЕУ (ОПЕКЕПЕ), јавуваат грчките медиуми.
Обвинетите, кои се товарат за измама, перење пари и учество во криминална организација, беа уапсени во координирана акција во градовите Солун, Пела, Едеса (Воден), Јанина, како и во областа Атика и на островот Крит. Утрово тие беа пренесени во Атина и изведени пред европските обвинители, а потоа ќе дадат исказ пред истражен судија.
Според проценките на грчката полиција, штетата нанесена на буџетот на Европската унија и грчката држава изнесува најмалку пет милиони евра, а се очекува по завршувањето на истрагата износот да надмине десет милиони евра.
Во обвинението се наведува дека осомничените прибегнувале кон лажни потврди, измами со грантови и перење пари, делувајќи во рамките на добро организирана криминална мрежа.
Портпаролот на грчката Влада, Павлос Маринакис, истакна дека исплатите на земјоделските субвенции ќе продолжат без застој и дека парите ќе одат кај „вистинските производители, а не кај измамниците“. Тој ја пофали полицијата за успешната операција и истрагата која доведе до апсењата.
Европската обвинителка Лаура Ковеши, која неодамна престојуваше во Атина, предупреди дека со години криминални групи, со поддршка на државни службеници и високи функционери, краделе европски средства. Таа изјави дека „ОПЕКЕПЕ стана симбол на корупција и непотизам“, нагласувајќи дека европските пари треба да завршуваат кај чесните земјоделци, а не во рацете на криминалци.