Украинскиот претседател Володимир Зеленски се обрати утрово пред лидерите на Европскиот совет, истакнувајќи дека постои едно оружје кое би можело „да го промени текот на војната“.
„Само погледнете колку Путин стана нервозен кога се спомена оваа тема. Тој разбира дека оружјето со долг дострел може да го промени текот на војната“, рече Зеленски, нагласувајќи ги, меѓу другото, и проектили од типот Томахавк.
И покрај тоа што американскиот претседател Доналд Трамп засега одбива да ги испорача Томахавците на Украина, тој потврди остри санкции против руските нафтени компании Роснефт и Лукоил.
Зеленски исто така повика на брза одлука за користење на замрзнатата руска имотнина. „Треба да го искористиме тој замрзнат имот на начин што ќе ѝ даде до знаење на Русија дека мора да плати за војната што ја води. Ве молам, донесете одлука што е можно поскоро“, порача украинскиот претседател.
Дипломатски извори наведуваат дека останатите лидери се согласиле дека Русија „не е подготвена за смислени разговори за мир“ и дека треба да продолжи притисокот за да се принуди Путин да седне на преговарачкиот стол.
Дискусијата за Украина ќе продолжи по пладне, додека за време на работниот ручек се разговара за зајакнување на европската одбрана. На дебатата не учествуваше унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој денеска е во Будимпешта по повод годишнината од унгарската револуција од 1956 година, а негово место го зазеде словачкиот премиер Роберт Фико.































