Даблин, Ирска – Трет ден по ред, антиимигрантски протести пред хотел во западен Даблин доведоа до судири со полицијата, при што 23 лица беа уапсени, а двајца полицајци се пренесени во болница со повреди.
Судирите започнаа поради наводен сексуален напад врз малолетно девојче во близина на хотелот во понеделникот рано наутро. Демонстрантите фрлаа петарди, камења и други предмети кон полицијата, додека скандираа антиимигрантски пароли и мавтаа со ирски знамиња.
Еден од полицајците беше погоден со шише, а вториот се здобил со повреда на рамото. Ирскиот министер за правда, Џим О’Калаган, изјави дека „имало многу апсења и ќе има уште“ и дека законот ќе се применува со полна сила.
Премиерот Мајкл Мартин го осуди насилството и нагласи дека „нема оправдување“ за напади врз полицајци. Во врска со случајот за наводниот напад, пред судот се појавил 26-годишен маж, чиј идентитет не може да се објави според законите за сексуален напад во Ирска.