Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес им се обрати на лидерите на Европскиот совет во Брисел, зборувајќи за текот на војната, употребата на замрзнатите руски средства и можноста за добивање оружје со долг дострел, објави „Скај њуз“.
Зеленски го започна говорот со оддавање почит на украинските новинари убиени во рускиот напад врз Краматорск, нагласувајќи дека Русија убила околу 155 медиумски работници „затоа што ја објавиле вистината“.
„Вистината е секогаш притисок, а тоа е она што врши притисок врз Русија“, рече тој, додавајќи дека руската армија продолжува да напаѓа цивилни цели, вклучувајќи и градинки.
Зеленски истакна дека Москва „многу се плаши“ од можноста замрзнатите руски средства да бидат искористени за помош на Украина. „Ако Русија започне војна против нашата земја, ќе мора да плати за оваа војна“, изјави тој, додавајќи дека Киев очекува заем за репарации на почетокот на 2026 година.
Во врска со оружјето со долг дострел, Зеленски појасни дека Украина располага со сопствени капацитети за напади на растојание од 150 до 3.000 километри, но дека проблемот е недостигот на средства за масовно производство.
Говорејќи за средбата со американскиот претседател Доналд Трамп, Зеленски изјави дека резултатите „не се лоши“. „Имаме санкции врз руската енергија, нема состанок во Унгарија без Украина и сè уште немаме Томахавци. Можеби утре ќе имаме Томахавци“, рече тој со насмевка.
За Кина, украинскиот лидер беше јасен: „Кина ѝ помага на Русија, а не на Украина, и не е заинтересирана за нашата победа“, додаде Зеленски.































