Албанските безбедносни власти денеска му забранија влез во земјата на познатиот исламски проповедник Имран Хосеин, кој се смета за потенцијална закана за националната безбедност.
Како што објави телевизијата „Топ чанел“, Хосеин бил задржан на меѓународниот аеродром во Тирана, откако пристигнал од Тринидад и Тобаго, каде што живее. Тој патувал во Албанија со цел да присуствува на религиозен настан, но граничната полиција добила информации дека против него постојат сомнежи за поврзаност со терористички активности.
Проповедникот е моментално сместен во посебна просторија на аеродромот додека трае постапката за негово враќање во земјата од каде што тргнал.
Имран Хосеин е познат исламски теолог и автор, кој често предизвикува контроверзии со своите ставови за светската политика, исламската економија и есхатологијата — верувањето во знаците за крајот на светот. Во неговите јавни настапи, Хосеин често го поврзува создавањето на Израел со религиозни и пророчки настани од исламската традиција.