Две девојчиња и едно момче на возраст меѓу 11 и 13 години од јуни годинава го тероризираат Белград со ограбување на аптеки, јавува Телеграф.рс. Според неофицијални информации, тројцата малолетници стојат зад над 100 кривични дела, користејќи закани со спреј за бибер и шрафцигери за да ја одземат парите и телефоните од фармацевтите.
Според соговорници, малолетниците делуваат со изненадувачка организираност: „Тие влегуваат во аптеката кога нема муштерии и фармацевтот е сам. Девојчињата и момчето се распоредуваат на три страни за да го одвлечат вниманието и да извршат грабеж.“
Српскиот закон не предвидува кривична одговорност за лица под 14 години, па и покрај приведувањата од страна на полицијата и известувањата до Центарот за социјална работа, малолетниците веднаш се враќаат на улица. „Законот и мерките за социјална заштита едноставно не нудат механизми за нивно притворање и контрола“, додава соговорникот.
Криминолозите предупредуваат дека ваквите случаи се аларм за државата. „Овие деца усвоија брутални методи уште во основно училиште и ја искористија законската дупка. Додека не наполнат 14 години, апсолутно не се соочуваат со никаква казна или кривична постапка, што ја зголемува веројатноста да станат сериозни деликвенти во иднина“, велат експертите.
Системот за социјална заштита и законодавството во Србија остануваат немоќни пред ваквите млади банди, кои продолжуваат да талкаат низ улиците на Белград и да вршат нови ограбувања.























