Американскиот синџир за брза храна „Мекдоналдс“ регистрираше седум трговски марки во Русија кои ги опфаќаат неговите најпознати производи и услуги, покажуваат податоците од организацијата „Роспатент“.
Меѓу регистрираните брендови се „Биг Мек“, „Биг Тасти“, „Ројал Чизбургер“, „Квартер Паундер“, „МекФреш“, „МекФлури“ и „МекДеливери“, пренесува ТАСС. Апликациите беа поднесени од САД во декември 2024 година, а регистрациите важат до 2034 година.
„Мекдоналдс“ го напушти рускиот пазар во пролетта 2022 година, по почетокот на конфликтот во Украина и воведувањето на западни санкции против Москва. По затворањето на сите ресторани, компанијата официјално објави дека ја напушта Русија.
Руските активи на „Мекдоналдс“ беа откупени од бизнисменот Александар Говор, кој во јуни 2022 година ги отвори рестораните под новиот бренд „Вкусно и точка“.
Сега регистрацијата на брендови од страна на „Мекдоналдс“ поставува прашања за можноста на компанијата да се врати на рускиот пазар по повеќе од три години.























