
Пораките извлечени од криптираната апликација „Скај“, која со години ја користеле организирани криминални групи ширум светот, откриваат јасни индикации за соработка меѓу балканските кланови и добавувачи на кокаин од Јужна Америка, вклучително и контакти поврзани со Венецуела.
Според истражувачките материјали, во комуникација од 2020 година се споменува договор за набавка на три тони кокаин од лице означено како „Покровител“. Истата документација наведува дека одлуките за проширување на испораките биле донесувани под надзор на Радој Звицер, осудениот водач на кавачкиот клан, кој управувал со мрежи и во Србија.
Како еден од конкретните случаи што ја потврдуваат оваа врска, холандските власти уапсија 11 државјани на Црна Гора на карипскиот остров Аруба, во непосредна близина на Венецуела. На бродот со кој пловеле биле пронајдени околу пет тони кокаин, а членовите на екипажот биле осудени на затворски казни од девет до 15 години.
Венецуела во изминатите години сè почесто се споменува како клучна транзитна точка на рутите за кокаин кон Европа. Американското правосудство го обвинува венецуелскиот претседател Николас Мадуро за соработка со повеќе криминални организации, меѓу кои мексиканските картели Синалоа и Зетас, колумбиската ФАРК и венецуелската банда Трен де Арагва, обвинувања кои тој ги отфрли.
Иако директните врски меѓу балканските криминални групи и овие картели ретко се јавно потврдени, новинарката Јелена Јовановиќ од црногорскиот весник „Вијести“ за ДВ посочува дека во судските процеси најчесто се користат општи термини како „јужноамерикански добавувачи“, без конкретно именување на картелите. Сепак, врската со Латинска Америка, според неа, е неспорна.
Еден од појасните примери за директна соработка доаѓа од Албанија, каде што криминалното семејство Хиса е ставено на црната листа на Министерството за финансии на САД поради сомнежи за перење пари во корист на картелот Синалоа. Паричните текови, во износ од околу два милиони долари, според американските власти биле пренесувани преку казина и компании поврзани со семејството.
Меѓународните истраги често ги третираат балканските криминални структури како единствена мрежа, позната како Балкански картел, која ги опфаќа групите од Црна Гора, Србија, Албанија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Словенија.
Западна Африка сè почесто се појавува како дел од овие рути, со земји како Сиера Леоне, Сенегал и Гвинеја-Бисао, кои се користат за складирање и претовар на кокаин. Во тој контекст се споменува и Србија, преку случаи поврзани со логистика и транспорт кон Европа. Сепак, според Јовановиќ, доминантните правци за балканските групи и понатаму остануваат пристаништата во Колумбија, Еквадор и Бразил, од каде дрогата со контејнерски бродови пристигнува во Ротердам и Антверпен.
Клучни информации за функционирањето на овие мрежи станаа достапни по акциите на европските служби против шифрираните платформи „Скај“, „АНОМ“ и „ЕнкроЧат“. Анализите покажуваат дека комуникацијата се фокусира на логистика, корупција во пристаништата, посредници и прикривање на кокаинот во легален транспорт.



























