УТРО.мк

Американскиот Конгрес му „спрема црвен картон“ на Вучиќ: предложени санкции доколку не ги исполни барањата

Американскиот Конгрес му „спрема црвен картон“ на Вучиќ: предложени санкции доколку не ги исполни барањата
Vero

Двајца членови на Комитетот за надворешна политика на Долниот дом на американскиот Конгрес предложија закон со кој се предвидуваат санкции и визиски ограничувања за лица кои ги поткопуваат демократските процеси, мирот и стабилноста на Западен Балкан, а во предлогот директно се повикува и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Предлог-законот е поднесен од републиканецот Џо Вилсон од Јужна Каролина и демократот Бил Китинг од Масачусетс. Според нив, Белград мора да покаже поголема посветеност кон владеењето на правото, борбата против корупцијата и демократските стандарди.

Вилсон во изјава за американскиот весник „The Hill“ оцени дека Србија под раководство на Вучиќ дополнително се оддалечила од владеењето на правото и воспоставила поблиски односи со Русија, Кина и Иран.

„И покрај широките протести поради корупција, владата на Вучиќ се заканува да го дестабилизира регионот. Народот на Србија заслужува подобро од тоа“, изјавил Вилсон.

Демократот Китинг порача дека демократијата, владеењето на правото и борбата против корупцијата мора да останат клучни столбови во односите меѓу САД и Србија.

Во предлогот на законскиот акт, Вучиќ е повикан да одговори на наводите за прекумерна употреба на сила врз демонстрантите, а се бара и истрага и утврдување одговорност за падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад, трагедија која предизвика масовни студентски протести во Србија.

Американските конгресмени изразуваат и загриженост поради продлабочувањето на врските на Србија со Русија, Кина и Иран.

„Траен интерес на САД е стабилна, демократска и суверена Србија која е посветена на мирот и безбедноста во регионот, цврсто вкоренета во евроатлантските институции и ослободена од малигни надворешни влијанија“, се наведува во предлог-законот.

Иницијативата доаѓа во период на зголемени тензии во Србија по повеќемесечните студентски протести и барањата за поголема транспарентност, одговорност и борба против корупцијата.

„The Hill“ оценува дека критиките кон Вучиќ во предлог-законот се во спротивност со неговиот генерално топол однос со американскиот претседател Доналд Трамп. Иницијаторите, пак, со овој потег испраќаат порака на поддршка до студентските протести во Србија.

Вучиќ претходно најави парламентарни избори за октомври, но остануваат прашањата дали изборниот процес ќе биде спроведен во услови на целосно слободна и фер политичка конкуренција.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin