Предупредување до родителите: Криминалците користат вештачка интелигенција за злоупотреба на фотографии од деца
Водечката британска организација за заштита на децата – Фондацијата за интернет надзор (IWF) – предупреди дека злоупотребата на технологијата на вештачка интелигенција станува сериозна закана и може да предизвика бран на експлицитна содржина на интернет. Според нивното истражување, криминалци веќе ја користат вештачката интелигенција за создавање реалистични слики на сексуална злоупотреба на деца, кои потоа се дистрибуираат на т.н. „dark web“.
Истражувачите откриле илјадници фотографии генерирани со помош на вештачка интелигенција, кои се толку реалистични што се третираат како кривични дела според законите на Обединетото Кралство и Европската Унија. Во најтешките случаи, технологијата се користи за „расоблекување“ на обични, од интернет преземени фотографии од деца, при што тие се прикажуваат во сценарија на сексуално злоставување. Овој вид содржина, според IWF, им носи високи финансиски профити на киберкриминалците.
„Нашите најцрни сценарија веќе се остваруваат“, изјави Сузи Харгрејвс, извршна директорка на IWF. „Криминалците ја тренираат вештачката интелигенција со слики од вистински жртви. Децата што некогаш биле злоставувани, сега повторно се ‘реанимираат’ во нови дигитални форми – бидејќи некој некаде сака да го гледа тоа“, предупреди таа.
Во едно неодамнешно истражување на форум од „dark web“-от, IWF идентификувал 2.978 експлицитни слики генерирани со вештачка интелигенција, од кои околу половина прикажувале деца на возраст од основно училиште, а некои и деца помлади од две години. Повеќе од 560 од тие слики биле класифицирани како „Категорија А“, што значи дека се работи за најтешки облици на злоупотреба – вклучително силување, сексуално мачење и зоофилија.
Во Велика Британија, илустрации, анимации и слики создадени со вештачка интелигенција се сметаат за кривично дело доколку прикажуваат сексуално злоупотреба на деца, без оглед на тоа дали е користена вистинска фотографија.
Стручњаците предупредуваат дека технологијата сè почесто се користи и за „дигитално разоблекување“ на деца, при што од нивни обични слики преземени од социјалните мрежи се креира експлицитна содржина. Апелираат до родителите да внимаваат што објавуваат на интернет и каде завршуваат тие фотографии.
„Веќе станува тешко дури и за обучени аналитичари да препознаат дали снимката е вистинска или создадена со вештачка интелигенција“, стои во извештајот на IWF, каде се додава дека напредокот на технологијата ќе создаде уште повеќе предизвици за органите на редот и експертите.
Иан Критчли, координатор на Националниот совет на началници на полицијата за заштита на деца, изјави: „Ова веќе не е закана од иднината – таа е тука и ја нормализира злоупотребата и силувањето на вистински деца“.
Според него, иако вештачката интелигенција има бројни позитивни примени, неопходно е развивање на алатки со кои истата технологија ќе може да се употреби за откривање и спречување на злоупотребите.
Сузи Харгрејвс упати апел до британските политичари оваа закана да ја стават на врвот на политичката агенда: „Ако не се соочиме со оваа опасност, ризикуваме ваквиот материјал трајно да го преплави интернетот“.