Windows 11 постави нов рекорд меѓу гејмерите
Според најновите податоци од извештајот „Steam Hardware & Software Survey“ на компанијата Valve за јуни 2025 година, оперативниот систем Windows 11 забележал историски рекорд во застапеност меѓу гејмерите.
Овој оперативен систем сега го користат 59,84% од гејмерската заедница, што претставува зголемување од 1,54 процентни поени во однос на мај годинава. Истовремено, Windows 10 продолжува да губи на популарност – моментално го користат 35,69% од гејмерите, што е пад од 1,31 процентен поен.
Овој тренд укажува на значајна промена во гејмерската средина, при што Windows 11 сè повеќе го зазема водечкото место меѓу корисниците.
Главните фактори кои го поттикнуваат преминот кон новиот систем се најавениот крај на поддршката за Windows 10 – закажан за октомври 2025 година – како и новитетите кои Windows 11 ги нуди за гејмерите. Меѓу нив се подобрени перформанси, поддршка за понов хардвер и специјализирани функционалности насочени кон подобрување на гејминг-искуството.
Се очекува трендот на раст на Windows 11 да продолжи и во наредните месеци, како што се приближува истекот на животниот циклус на Windows 10 и сè повеќе гејмери се одлучуваат за најновата верзија на оперативниот систем.