Илон Маск и неговата компанија xAI ја лансираа „Грокипедија“ – нова онлајн енциклопедија која, според Маск, треба да биде „алтернатива и покоректен наследник на Википедија“.
Грокипедија е заснована на чатботот Grok, а првата верзија (0.1) веќе содржи над 885.000 дефиниции, во споредба со седум милиони на англиската Википедија. Маск најави дека верзијата 1.0 ќе биде „десет пати подобра“ и дека проектот нуди „вистина без цензура“.
Маск одамна ја обвинува Википедија за „левичарска пристрасност“, тврдејќи дека Грокипедија ќе биде непристрасна и отворена за сите. Сепак, дел од написите веќе предизвикаа контроверзии – пример, во текстот за движењето Black Lives Matter се нагласуваат немирите, но не се спомнува дека повеќето протести биле мирни.
Содржините ги создава вештачка интелигенција, која користи повеќе извори. Маск тврди дека тоа обезбедува „попрецизен и транспарентен систем на информации“. Проектот, меѓутоа, веќе е под лупа поради претходни контроверзии со Grok, што покажува дека борбата за доверба на јавноста допрва започнува.































