Американската амбасада во Бамако ги повика граѓаните на САД да го напуштат Мали веднаш поради зголемените безбедносни ризици, вклучувајќи насилство, нарушувања во снабдувањето со гориво, прекини во основните услуги и растечки закани околу главниот град, јавува Anadolu Ajansi.
„Американските државјани треба да ја напуштат земјата со комерцијални летови, бидејќи копнените патишта до соседните држави можеби не се безбедни за патување поради терористички напади долж националните автопати“, наведува амбасадата.
Останатите американски граѓани се советуваат да подготват планови за непредвидени ситуации, вклучувајќи можност за подолго задржување во засолниште. Амбасадата минатиот петок објави дека помалку важно дипломатско особје и нивните семејства ќе ја напуштат земјата поради зголемените напнатости.
Мали со недели се соочува со криза во снабдувањето со гориво, бидејќи вооружени групи ги блокираат патиштата за цистерни. Долги редици се создадоа на бензинските пумпи, а јавниот превоз и такси услугите се сериозно нарушени.
Поради состојбата, училиштата низ целата земја се затворени на две недели, а високообразовните институции во Бамако објавија прекин на наставата поради неможноста на студентите и наставниците да стигнат до кампусите поради недостиг на гориво.
Амбасадата дополнително ги предупреди американските државјани да избегнуваат демонстрации и барикади на патиштата, да бидат внимателни, свесни за околината, да одржуваат комуникација и да имаат достапни патни документи.































