Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, предупреди дека западните земји се подготвуваат за голем воен судир и дека Европа ја губи својата безбедносна стабилност поради, како што рече, „агресивните планови на НАТО“.
Говорејќи на Меѓународната конференција за евроазиска безбедност во Минск, Лавров изјави дека Алијансата ги проширува своите активности кон Арктикот и Тихиот Океан со цел да ја изолира Русија и да ја ограничи Кина.
„Русија нема намера да нападне ниту една земја членка на НАТО или Европската унија. Подготвени сме тоа и формално да го гарантираме, но европските лидери избегнуваат да разговараат за вистински колективни безбедносни гаранции,“ рече Лавров, пренесува РИА Новости.
Тој ги обвини западните сили дека се обидуваат да ја претворат Евроазија во „феуд на НАТО“, додека Москва и нејзините партнери, меѓу кои Кина, Индија и Иран, се залагаат за нова „панконтинентална структура на рамноправност и неделива безбедност“.
„За разлика од Западот, ние веруваме дека стабилноста може да се постигне само ако сите земји имаат еднакви права, а не преку доминација на неколку привилегирани држави,“ истакна рускиот министер.
Осврнувајќи се на војната во Украина, Лавров ги обвини европските членки на НАТО дека намерно ја продолжуваат конфликтната состојба преку постојано снабдување на Киев со оружје и финансиска поддршка.
„Европските лидери се трудат да го убедат Вашингтон да се откаже од дипломатско решение и да продолжи со политиката на конфронтација,“ додаде тој.
Според Лавров, Русија останува отворена за дијалог за нова безбедносна рамка во Евроазија, но само под услов таа да се заснова на суверена еднаквост и взаемна почит, наместо на „диктат од Западот“.































