Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека по разговорите меѓу украинската делегација, САД и европските партнери во Женева, мировниот план е значително скратен и подобрен.
„По Женeва има помалку точки, повеќе не се 28, и многу исправни работи се земени предвид“, изјави Зеленски во своето вечерно видео-обраќање, пренесува „Укринформ“. Тој додаде дека сè уште има работа за планот да стане прифатлив во конечна верзија.
Зеленски ја пофали конструктивноста на американската страна и најави дека лично ќе разговара со претседателот Доналд Трамп за чувствителните делови од документот.
„Украина никогаш нема да биде пречка за мир – тоа е принцип што го делиме со милиони Украинци. Заслужуваме достоинствен мир и ќе работиме најбрзо што можеме“, нагласи тој.
Притоа предупреди дека Русија нема да го намали притисокот и ги повика граѓаните внимателно да ги следат воздушните аларми во наредните недели.
Според него, фер е партнерите – особено САД – да ги земат предвид безбедносните процени на нивните разузнавачки служби: „Ако има вистински преговори и конструктивен пристап, тогаш не треба да има ракети и масовни удари врз Украина.“
Американските медиуми претходно објавија дека администрацијата на Трамп водела тајни консултации со Русија за изработка на нов мировен план. Според „Аксиос“, предлогот од 28 точки бил поделен во четири категории: мир во Украина, безбедносни гаранции, европска безбедност и идни односи меѓу САД, Русија и Украина.
Медиумите наведуваат дека од Украина се очекувало да се откаже од контролата врз Донбас, да ја намали војската и дел од вооружувањето. Преносот на преостанатите делови од Донбас би се вршел во замена за безбедносни гаранции од САД за Киев и Европа – механизам кој засега останува нејасен.























