
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека САД предупредиле оти би можеле да ја прекинат размената на разузнавачки информации со Украина доколку продолжат нападите врз руските нафтени рафинерии. Според него, предупредувањето било пренесено директно до украинските воени команданти, а тој дознал од своите генерали.
„Тие им кажаа на моите генерали, а не мене“, изјавил Зеленски во интервју за американското Национално јавно радио – NPR.
Тој појаснил дека станувало збор за закана со можна суспензија на разузнавачката соработка, а не за официјално најавен прекин.
Според пренесените информации, Вашингтон бара запирање на украинските напади врз руските рафинерии, поврзувајќи ги со растот на цените на горивата. Киев, пак, ги брани нападите како средство за ограничување на приходите со кои Москва ја финансира војната.
Зеленски, според „United24 Media“, навел дека Украина би размислила за запирање на нападите само доколку Русија се согласи да престане да ја напаѓа украинската енергетска инфраструктура.
Несогласувањата се продлабочиле и по одлуката на Вашингтон да ги олесни ограничувањата за извоз на руски дизел. Американскиот претседател Доналд Трамп ги поврзал украинските напади со поскапувањето на дизелот во САД, додека Зеленски го отфрлил тоа објаснување.
Украинскиот претседател оценил дека пречките во транспортот низ Ормускиот теснец, поврзани со конфликтот во кој е вклучен Иран, се главната причина за растот на глобалните цени на енергенсите. Според него, дополнителниот извоз на руски дизел би ѝ донел приходи на Москва, без значително намалување на цените за американските потрошувачи.
Прашањето за разузнавачката соработка добило дополнително внимание по руските балистички напади врз Киев на 12 и 13 октомври, за кои украинските власти соопштиле дека не добиле претходни предупредувања од меѓународните партнери. Во пренесените информации, сепак, не е утврдена поврзаност меѓу отсуството на предупредувања и американската закана.























