
Вработен во Министерството за внатрешни работи е осомничен дека фалсификувал две потврди за дарување крв и ги употребил за да искористи вкупно шест работни дена платено отсуство.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднел кривична пријава против А.А., вработен во Одделот за заштита на определени личности и објекти при МВР, поради основи на сомнение за кривично дело „фалсификување исправа“.
Според МВР, пријавениот изготвил и употребил лажни потврди дека дарувал крв на 3 март и на 9 јули годинава во Институтот за трансфузиона медицина при комплексот клиники „Мајка Тереза“, иако на тие датуми не дарувал крв.
Врз основа на потврдите поднел две барања за платено отсуство од по три работни дена. Потоа го искористил отсуството на 3, 4 и 5 март, како и на 9, 10 и 13 јули.
Кривичната пријава е доставена до Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Од Внатрешната контрола најавуваат и предлог за поведување постапка против А.А. за утврдување одговорност за кршење на работниот ред и дисциплина.























