
СВР Скопје поднесе кривични пријави против три лица во врска со настанот од 7 октомври на улицата „Црногорска“ во Скопје, кога при полициска акција поврзана со сомнение за купопродажба на марихуана, две лица се дале во бегство со автомобил, а на еден од полицајците му бил одземен службениот пиштол.
Според МВР, полицијата претходно добила оперативни сознанија дека ќе биде извршено кривично дело поврзано со неовластено пуштање во промет на наркотични дроги, по што околу 20:25 часот била поставена заседа на патничко возило „БМВ“ со скопски регистарски ознаки.
Откако полициските службеници дале знак за запирање и се упатиле кон возилото за легитимирање и преглед, возачот го стартувал автомобилот и удрил во бандера, а преку прозорецот била фрлена кеса со марихуана.
Во тој момент еден од полицајците го извадил службениот пиштол и од совозачката страна издал наредба „стој, полиција“, но, според МВР, лицето од совозачкото место му го одзело пиштолот. Потоа возилото се дало во бегство.
Полицијата го следела автомобилот, кој со голема брзина се движел по улицата „Ѓорче Петров“ кон автопатот Скопје – Тетово, при што, како што се наведува, возачот не застанал на звучните и светлосните полициски сигнали. Еден полициски службеник испукал и три предупредувачки проектили во воздух.
Во еден момент „БМВ“-то удрило во банкина на автопатот и се извртело. Од возилото излегле П.А. (24) и Е.П. (21), кои биле лишени од слобода. Службениот пиштол бил одземен, а при пребарување на теренот била пронајдена и кеса со марихуана.
Во координација со ОЈО Скопје, денеска против Е.П. и П.А. се поднесени кривични пријави за „спречување службено лице во вршење службено дејствие“ и за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.
Кривична пријава за делото поврзано со дрога е поднесена и против М.Т., за кого, според МВР, постојат сознанија дека е поврзан со случајот.
За настанот е известен и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, кој проверува дали имало евентуални неправилности во постапувањето на полициските службеници.























