Украинскиот претседател Володимир Зеленски остро реагираше по најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за средбата со рускиот претседател Владимир Путин на 15 август во Алјаска, потенцирајќи дека Украина нема да прифати никакви територијални отстапки.
„Одговорот на украинското територијално прашање е веќе во Уставот на Украина. Никој нема и нема да може да отстапи од ова. Украина е подготвена за вистински одлуки што можат да донесат мир. Секакви одлуки против нас, секакви одлуки без Украина се исто така одлуки против мирот,“ изјави Зеленски.
Трамп претходно најави дека во мировниот договор може да има „размени на територии“, што ги опфаќа регионите Донбас, Херсон и Запорожје, според информации од американски и европски медиуми.
Зеленски истакна дека Украина бара „вистински, жив мир“ што нема да биде нарушен од желбите на Москва и дека е подготвена да работи со сите партнери, вклучително и со САД, за постигнување на таков траен мир.
Украинскиот лидер претходно ги отфрли сите предуслови кои вклучуваат отстапки на територија, оставајќи отворен патот за преговори само ако е зачуван суверенитетот на Украина.