Продолжуваат шпекулациите околу можниот мировен самит за Украина меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, кој е најавен за следната недела во Аљаска.
Според извештајот на германскиот весник Bild, иако Трамповиот преговарач Стив Виткоф наводно направил одреден напредок на средбата со Путин, Кремљ останал на својот максимален услов – целосна контрола над пет украински региони (Доњецк, Луганск, Запорожје, Херсон и Крим) пред да се воспостави прекин на огнот.
Русија понудила само “секторски прекин на огнот”, со цел да се запре напаѓањето на енергетски објекти и големи градови, но Путин не е подготвен да ги запре големите офанзиви, и покрај американските понуди за укинување санкции и економски договори.
Трамп дури предложил размена на територии – Русија да задржи делови од окупираниот Донбас во замена за повлекување од други области, но украинскиот претседател Зеленски тоа категорично го одбил.
Извештајот посочува дека Виткоф погрешно ги протолкувал некои изјави на Русите, сметајќи дека понудата за “мирно повлекување” на Украина од Херсон и Запорожје е предлог за повлекување на Русија, што не е точно.
Американски официјални лица и европските партнери ја оцениле комуникацијата како хаотична и неусогласена, особено поради изјавите на Виткоф, кој изгледал збунет кога зборувал за територијалните прашања.
Исто така, постоело несогласување помеѓу Виткоф и државниот секретар Рубио за идните чекори – Рубио инсистирал Европа да биде активно вклучена во процесот, додека Виткоф и потпретседателот Венс сакале само да ја информираат Европа за чекорите на Трамп.
Ова ја остава неизвесна иднината на самитот и потенцијалниот напредок во мировните преговори.