Консумирањето големи количества помфрит го зголемува ризикот од заболување од дијабетес тип 2, покажува нова научна студија објавена во престижниот медицински часопис The BMJ.
Истражувањето откри дека луѓето кои јадат помфрит трипати неделно имаат 20% поголем ризик од развој на дијабетес тип 2, додека кај оние кои консумираат помфрит пет пати неделно, ризикот се зголемува дури за 27%. Од друга страна, не е утврден зголемен ризик кај консумацијата на варен, печен или пире кромид.
Меѓународен тим истражувачи, меѓу кои и експерти од Универзитетот во Кембриџ, ги анализирал податоците од преку 205.000 американски здравствени работници, следејќи ги нивните навики во исхраната и здравствената состојба речиси четири децении. Во текот на тој период биле регистрирани околу 22.000 случаи на дијабетес тип 2.
Авторите на студијата посочуваат дека „ризиците поврзани со консумацијата на компир варираат во зависност од начинот на подготовка“, при што посебно го потенцираат штетниот ефект од помфритот.
Овие резултати укажуваат на важноста од внимателен избор на видот и начинот на подготовка на компирот во исхраната, особено за лицата загрижени за здравјето и превенција на хронични болести.