Дописникот на Радио Слободна Европа, Сергиј Хорбатенко, снимал мисија за евакуација на цивили во Донечката област кога руски дрон го погодил нивното возило. Возачот, Американец од невладината организација Plain Compassion Crisis Response, добил повреди од шрапнели по лицето.
„Руски дрон штотуку го погоди нашиот автомобил. Фала му на Бога, сите сме живи, но автомобилот гори. Само што влегувавме во градот Лиман“, изјави Хорбатенко.
Девон Масер, возачот со раскраварено лице од шрапнели, рече:
„Тука сум со организацијата Plain Compassion Crisis Response. Тука сме за да евакуираме луѓе.“
Во возилото биле и двајца полицајци од хуманитарната мисија White Angels.
Тие патувале кон Лиман за да помогнат во евакуацијата на цивили, додека кон стратешкиот град се приближуваат руските сили од север и исток, објави Радио Слободна Европа.























