
Седум лица загинаа, а најмалку 25 се повредени во украински напади со беспилотни летала врз повеќе цели во Русија, меѓу кои и логистичкиот центар на компанијата „Вајлдберис“, најголемата платформа за е-трговија во земјата.
Според локалните власти, дрон погодил логистички комплекс на „Вајлдберис“ во градот Котовск, во Тамбовската област, каде што загинале седум вработени од ноќната смена. Од повредените, 23 лица се хоспитализирани во болниците во Котовск и Тамбов.
Покрај нападот во Котовск, пожари избувнале и во логистички објект на „Вајлдберис“ во Електростаљ, на околу 50 километри од Москва, како и во складиште за нафта во Московскиот регион. Информациите за нападите ги објавија и каналите ASTRA и Exilenova+, додека пожарите беа потврдени и преку анализи на јавно достапни снимки.
„Вајлдберис“ важи за најголемата руска платформа за онлајн трговија и често се нарекува рускиот еквивалент на Amazon.
Нападите се дел од пошироката украинска кампања насочена кон руската енергетска и логистичка инфраструктура. Само неколку дена претходно беа погодени индустриски капацитети поврзани со производството на гориво за руската војска.
Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана соопшти дека системите за противвоздушна одбрана пресретнале 288 украински дронови над повеќе региони на земјата.

















