
Во Храмот на Светиот гроб во Ерусалим денеска, на Велика сабота (11 април 2026 година), околу 11:57 часот по македонско време, се појави Благодатниот оган, кој Ерусалимскиот патријарх Теофил III го предаде на верниците присутни во храмот.
Овој древен обред традиционално се случува во пресрет на празникот Воскресение Христово – Велигден, според јулијанскиот календар, токму во храмот изграден на местото кое според христијанското предание е поврзано со распнувањето, погребението и Воскресението на Исус Христос.
За православните верници, Благодатниот оган ја претставува несоздадената светлина на Христовото Воскресение и се доживува како свет дар што се прима со длабока побожност и молитва. По неговото појавување, патријархот излегува од Кувуклијата и го споделува пламенот со свештенството и народот, по што огнот се пренесува меѓу верниците и кон православните земји ширум светот.
Годинава церемонијата се одржа под засилени безбедносни мерки, со ограничен пристап во Стариот град и околу светите места. Сепак, и покрај строгите контроли, традицијата беше продолжена, носејќи ја пораката за надеж, светлина и победа на животот над смртта.























