
Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување двонеделен прекин на огнот со Иран и најавата за разговори во Исламабад на прв поглед делуваше како дипломатски пресврт, но аналитичари оценуваат дека зад ваквиот потег може да се крие поширока воена стратегија.
Според проценките на воени и безбедносни експерти, моменталното смирување на теренот може да претставува тактичка пауза, додека САД ги прегрупираат своите капацитети за можен нов развој на конфликтот.
Во анализите се наведува дека американските сили наводно работат на зајакнување на оперативни способности за дејствување на повеќе фронтови истовремено, што вклучува координација меѓу копнени, поморски, воздушни, вселенски и сајбер капацитети. Таквиот пристап би можел да овозможи брзо парализирање на комуникациските и одбранбените системи на противникот во случај на ескалација.
Како клучен момент во актуелната криза се посочува нападот врз нафтениот терминал на островот Харг, кој значително влијаел врз извозните капацитети на Иран, но не довел до завршување на конфликтот, туку до промена на неговата динамика.
Истовремено, се забележуваат и различни пораки од Вашингтон, што дополнително ги поттикнува шпекулациите за несогласувања во американската администрација околу идните чекори. Само еден ден пред најавата за прекин на огнот, од САД биле испратени предупредувања за можни „катастрофални последици“, што потоа било проследено со повик за привремена пауза.
Во вакви околности, Техеран ги заострува своите позиции и поставува услови за продолжување на дијалогот, меѓу кои и барање за намалување на американското воено присуство во регионот.
Во меѓувреме, Израел продолжува со воени активности во Либан, што дополнително ја зголемува нестабилноста во поширокиот регион.























