
Во пресрет на четиригодишнината од почетокот на руската инвазија, европската дипломатија се соочи со нова криза. Унгарија стави вето на 20-тиот пакет санкции против Русија и заемот од 90 милијарди евра за Киев, повикувајќи се на враќање на транзитот на нафта преку оштетениот нафтовод „Дружба“.
Нафтоводот „Дружба“ беше цел на руски напад на 27 јануари, а Будапешта ја обвинува Украина дека попречува неговото враќање во функција. „Не треба да мешаме теми кои не се поврзани“, изјави шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, оценувајќи дека транзитот на евтина руска нафта не смее да се поврзува со санкциите.
Министерот за надворешни работи на Германија, Јохан Вадефул, најави дипломатска офанзива и ги повика унгарските власти да ја преиспитаат својата позиција, нагласувајќи дека одбивањето на санкциите не смее да го поткопува европскиот суверенитет.
Меѓутоа, европските лидери веќе се упатија кон Киев. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коштa, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пристигнаа во украинската престолнина за да ја одбележат четиригодишнината од војната, очекувајќи да се постигне договор и финансиска поддршка за Киев.























