Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најави дека Турција ќе учествува во меѓународната работна група која ќе го надгледува спроведувањето на примирјето и договорените мерки во Појасот Газа.
Според високи турски извори, групата ќе биде составена од претставници на Израел, САД, Катар, Египет и Турција, и ќе има задача да ја следи имплементацијата на договорот на терен, како и лоцирањето на телата на заложници за кои се уште нема информации.
Анкара, која беше дел од преговорите во Египет, веќе подолго време остро го критикува израелскиот напад врз Газа, нарекувајќи го „геноцид“. Откако израелската офанзива започна пред две години, Турција претежно делуваше индиректно во мировните напори, но последните недели презема сè поистакната улога.
„Со Божја помош, Турција ќе биде дел од работната група што ќе ја надгледува реализацијата на мировниот договор,“ изјави Ердоган во говор во Анкара, најавувајќи и учество во обновата на разурнатиот Појас Газа.
Тој му се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп за, како што рече, „покажаната политичка волја да ја охрабри израелската влада кон прекин на огнот“, како и на Катар и Египет за нивниот дипломатски придонес.
„Не ќе застанеме додека не биде воспоставена суверена палестинска држава,“ порача Ердоган на платформата X.
Турското Министерство за надворешни работи соопшти дека се надева оти овој дипломатски моментум ќе доведе до трајно дводржавно решение и најави дека Анкара ќе ја следи доследната примена на примирјето „за да се стави крај на геноцидот во Газа“.
Шефот на турската разузнавачка служба, Ибрахим Калин, учествуваше на разговорите во Египет, каде што ги пренел ставовите на Анкара до претставниците на Хамас, притоа без директни контакти со израелската страна. Турција и натаму го смета Хамас за „движење на отпорот“.