
Турција побара од Интерпол да издаде црвена потерница за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, во рамки на кривична постапка што се води во земјата поради запирањето и приведувањето на активисти кои со бродови се обиделе да достават хуманитарна помош до Газа.
Турскиот министер за правда Акин Ѓурлек во петокот соопшти дека се издадени налози за апсење на Нетанјаху и на уште еден израелски државјанин, Афек Москович. Тие се обвинети за дела меѓу кои геноцид, злосторства против човештвото и тортура, во постапка која опфаќа вкупно 35 лица.
Случајот се однесува на мајската операција на израелските сили против Global Sumud Flotilla, група цивилни бродови на кои се наоѓале активисти и хуманитарна помош наменета за Газа. Бродовите тргнале од Турција кон палестинската енклава, а израелските сили ги пресретнале во меѓународни води.
Според турските власти, на бродовите имало околу 50 пловила. Активистите биле приведени во Средоземното Море, потоа пренесени во израелски затвор и на крајот протерани од Израел.
Дел од активистите подоцна обвинија дека за време на притворот биле физички и сексуално малтретирани. Израелските власти ги отфрлаат ваквите обвинувања.
„Во согласност со налозите за апсење издадени за Бенјамин Нетанјаху, Министерството за правда побара од Министерството за внатрешни работи да побара издавање црвени потерници од Интерпол, за лицата да бидат барани на меѓународно ниво“, изјави Ѓурлек.
Според турската агенција ИХА, второобвинетиот Москович е израелски војник. Во обвинението, наводно, се наведува дека тој на Инстаграм објавувал снимки од уништување објекти во Газа со тенкови и булдожер, меѓу кои и објекти на Исламскиот универзитет во Газа.
Што значи црвена потерница на Интерпол?
Црвената потерница е барање до полициските органи во земјите членки на Интерпол да го пронајдат и привремено да го приведат одредено лице, додека се чека постапка за екстрадиција или друга правна постапка.
Тоа не претставува меѓународна потерница со која автоматски се наложува апсење. Интерпол прво го разгледува барањето на државата, по што одлучува дали ќе издаде црвена потерница.
Израел остро реагираше
Кабинетот на Нетанјаху го отфрли барањето на Турција и го нападна турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Патетичниот обид на Ердоган да ги заплаши лидерите и војниците на Израел нема да успее“, порача кабинетот на израелскиот премиер, притоа нарекувајќи го Ердоган „антисемитски диктатор“.
Од Анкара возвратија дека станува збор за „ситни политички тактики“ на Нетанјаху и го обвинија израелското раководство дека се обидува да ја претстави Турција како нова закана.
Односите меѓу Турција и Израел дополнително се влошија оваа недела поради случувањата во Сирија. Израел изврши воздушни напади врз воена база за која тврдеше дека би можела да биде користена за распоредување турски сили. Анкара остро ги осуди нападите, додека Сирија соопшти дека нема планови за распоредување турски војници во базата.

















