
Министрите за надворешни работи на Европската Унија одлучиле да воведат санкции против речиси 1.600 лица, компании и други организации, соопшти високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас.
Одлуката е донесена на состанокот на Советот на ЕУ за надворешни работи во Луксембург. Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул го оцени новиот пакет како „невиден“ удар врз воената економија на рускиот претседател Владимир Путин.
Според Вадефул, Унијата на санкциската листа додава повеќе поединци и компании од кога било досега. Тој порача дека притисокот врз Москва треба да продолжи сè додека Путин не покаже подготвеност за сериозни мировни преговори.
Мерките се однесуваат и на хибридните закани. Меѓу санкционираните, според најавата, ќе биде и производител на дронови поради поврзаност со обид за напад врз аеродромот Лајпциг/Хале во Германија.
Предвидени се санкции и против 77 субјекти што учествувале во организирањето избори за руската Дума на окупираните украински територии, кои ЕУ ги смета за нелегитимни. Ваквите мерки вообичаено опфаќаат забрани за патување, замрзнување имот и ограничувања за ставање на располагање финансиски средства или други економски ресурси.
Калас изрази сомнеж и во спроведувањето на „енергетското примирје“ меѓу Русија и Украина, кое го најави американскиот претседател Доналд Трамп. Таа посочи дека во принцип би поздравила прекин на нападите врз енергетската инфраструктура, но дека останува неизвесно дали Москва ќе го почитува договорот.
Воедно, Калас ги повика САД да воведат санкции против Русија како дел од напорите за завршување на војната.
На состанокот се разговарало и за руските саботажи и кампањите за дезинформации во земјите членки, како и за состојбата на Блискиот Исток.
За зајакнување на стабилноста во Либан, ЕУ покренува мисија за советување и обука на либанските безбедносни сили. Целта е тие да ја зајакнат контролата врз целата државна територија и да обезбедат спроведување на државниот монопол врз оружјето.























