
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ќе ја зголеми привремената царинска стапка за увоз во САД од 10 на 15 отсто за сите земји, само еден ден по одлуката на Врховниот суд со која беа поништени неговите претходни тарифни мерки.
Новата одлука се темели на друг законски механизам – член 122 од Законот за трговија од 1974 година, кој му дозволува на претседателот да воведе царини до максимум 15 проценти во траење од 150 дена без одобрение од Конгресот.
Трамп ја донесе мерката како одговор на пресудата на судот, кој оцени дека претходно ги пречекорил своите овластувања кога вовел широки царини врз основа на закон за вонредни економски овластувања.
Во својата објава, американскиот претседател порача дека новите тарифи се насочени кон земјите кои, според него, „со децении ја искористувале“ американската економија, најавувајќи дека во наредниот период ќе работи на нови, правно издржани трговски мерки.
Економските аналитичари предупредуваат дека ваквиот потег може да ја зголеми неизвесноста во глобалната трговија и да доведе до повисоки цени за потрошувачите, додека дел од американските компании веќе изразија загриженост за можните последици.























