УТРО.мк

Тревога на Канарските Острови: Крузерот со епидемија на хантавирус пристигна кај Тенерифе

Тревога на Канарските Острови: Крузерот со епидемија на хантавирус пристигна кај Тенерифе
Vero

Луксузниот крузер „Хондиус“, кој се најде во центарот на меѓународна здравствена тревога по појавата на хантавирус на бродот, пристигна во близина на шпанскиот остров Тенерифе, каде денеска треба да започне сложена операција за евакуација и враќање на 147 патници во нивните матични земји.


Бродот ќе се закотви во пристаништето Гранадиља на Канарските Острови, по што ќе продолжи кон Холандија, каде ќе биде извршена целосна дезинфекција. Според шпанските власти, евакуацијата на патниците треба да започне меѓу 7:30 и 8:30 часот по локално време.


Епидемијата на хантавирус на крузерот предизвика голема загриженост откако од почетокот на патувањето, кое стартуваше од Аргентина минатиот месец, со вирусот беа поврзани три смртни случаи. Станува збор за холандски брачен пар и германски државјанин, соопшти Светска здравствена организација.


Според информациите на СЗО, досега осум лица се разболеле, при што кај шест лица лабораториски е потврден хантавирус, додека уште два случаи се сметаат за сомнителни.
Иако кај останатите патници досега не се забележани симптоми на инфекција, Европска унија и европските здравствени агенции ги третираат сите патници како контакти со висок ризик од претпазливост.
Шпанските здравствени власти ќе спроведат тестирање директно на бродот пред патниците да бидат префрлени на островот со мали чамци. По пристигнувањето на копно, тие ќе бидат транспортирани со затворени автобуси до главниот аеродром на Тенерифе, од каде ќе заминат со специјални летови кон своите држави.


Според планот на шпанските власти, први од бродот ќе бидат евакуирани шпанските државјани, а потоа и патниците од останатите земји, организирани во посебни групи за да се избегне дополнителен ризик.


На бродот ќе останат околу 30 членови на екипажот, кои ќе продолжат со пловидбата кон Холандија, каде што „Хондиус“ ќе биде ставен под посебен санитарен третман и дезинфекција.
Крузерот испловил од Капо Верде кон Шпанија во средата, откако СЗО и Европската унија побарале итна евакуација на патниците поради откриената епидемија.


Во Тенерифе синоќа пристигнал и генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, заедно со министрите за здравство и внатрешни работи на Шпанија, како и министерот за територијална политика, со цел лично да ја координираат комплексната операција за евакуација и здравствен надзор.


Хантавирусот е ретка, но потенцијално опасна вирусна инфекција што најчесто се пренесува преку контакт со глодари или нивни измет и може да предизвика сериозни респираторни и бубрежни компликации.

MegaWin
MegaWin
Green Machines

Сподели го овој напис

MegaWin
MegaWin
Филигран