Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека верува оти Украина, со поддршка од Европската унија и НАТО, има сила да ја врати целата територија која Русија ја освои од почетокот на инвазијата. Изјавата навестува можност за нова ескалација во војната.
Трамп во вторникот се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во рамките на Генералното собрание на ОН, по што на неговата мрежа Truth Social напиша дека „со време, трпение и финансиска поддршка од Европа, а особено од НАТО, оригиналните граници каде што започна војната се многу добра опција“.
Во објавата тој ја критикуваше воената стратегија на Москва, нарекувајќи ја „безцелна“, и додаде дека „вистинска воена сила“ би ја завршила војната „за помалку од една седмица“. „Путин и Русија се во длабоки економски проблеми и сега е време Украина да дејствува“, порача Трамп.
Американскиот претседател најави дека САД ќе продолжат да испорачуваат оружје на НАТО, нагласувајќи дека Алијансата „може да прави што сака“ со тие ресурси. Оваа порака се толкува како индиректен сигнал дека западно оружје со долг дострел може да биде користено за удари врз цели длабоко во руската територија — можност што Москва веќе ја оцени како директно вмешување на Западот во војната и предупреди дека европските локации за стационирање оружје би станале легитимна цел.