Германскиот федерален завод за статистика (Destatis) објави дека во април 2024 година просечната бруто плата за вработените со полно работно време изнесувала 4.634 евра месечно, односно 55.608 евра годишно. Податоците откриваат големи разлики во примањата меѓу секторите.
Највисоки плати биле забележани во финансискиот и осигурителниот сектор со просечни 6.182 евра месечно, следени од ИТ индустријата со 5.955 евра и јавниот сектор со 4.791 евра. Значително пониски приходи имале вработените во земјоделството и шумарството со 3.133 евра, како и во угостителството со 3.042 евра.
Податоците од платформата Kununu покажуваат дека SAP е компанијата со највисока просечна плата – 76.711 евра бруто годишно, по што следат Airbus (74.874 евра), Commerzbank (73.538 евра), Bosch (72.094 евра), Continental (71.146 евра) и Siemens (69.410 евра). Во првата десетка се најдоа и Volkswagen, TÜV Süd, R+V Versicherung и Accenture Deutschland.
Кога станува збор за професиите, највисоко платени се пилотите со просечни 90.500 евра годишно, ревизорите со 90.400 евра и лекарите со 87.000 евра.
И покрај високиот просек, платите сè уште се нерамномерни според пол. Мажите со полно работно време заработувале 4.830 евра месечно, додека жените 4.214 евра – разлика од околу 600 евра месечно, објави списанието Fenix.