Американскиот претседател Доналд Трамп во остар говор пред 80-тото Генерално собрание на Обединетите нации жестоко ги критикуваше своите европски сојузници за политиките кон мигрантите и предупреди дека „време е да се заврши неуспешниот експеримент со отворени граници“.
„Вашите земји одат по ѓаволите“, рече Трамп, додавајќи дека примерот на САД со строги мерки за контрола на границите, особено во Ел Салвадор, треба да се следи и во Европа.
Во говорот, кој траеше повеќе од 45 минути, Трамп се пофали со „седум сопрени војни“, меѓу кои спомена конфликти како Србија и Косово, Израел и Иран, Пакистан и Индија, но и Руанда и ДР Конго.
Американскиот претседател упати и предупредување до наркокартелите и „венецуелските терористи“ поврзани со трговија на луѓе, велејќи дека САД ќе ја користат „врховната моќ на војската“ за нивно уништување. „Ќе ве збришеме од лицето на земјата“, порача Трамп.
Голема реакција предизвика неговата изјава против обидите за признавање на палестинска држава, која, според него, би значела „награда за терористите на Хамас“.
Во однос на Украина, Трамп изјави дека војната ќе била спречена доколку тој бил претседател и најави подготвеност за „моќни царини“ против Русија, но само ако Европа се приклучи кон санкциите.
Тој остро ги нападна Кина и Индија за купувањето руска нафта, а на европските земји им порача дека се „на работ на уништување поради агендата за зелена енергија“. Обновливите извори ги нарече „шега“, а повика и на глобална контрола на биолошкото оружје преку систем за верификација со вештачка интелигенција.