
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД имаат капацитет „лесно“ да го отворат Ормутскиот теснец, оценувајќи дека таков потег би донел значителни економски придобивки.
Во објава на платформата Truth Social, Трамп посочи дека со дополнително време и ресурси, САД би можеле да овозможат повторно нормализирање на поморскиот сообраќај во еден од најважните енергетски коридори во светот.
Ормутскиот теснец е клучна рута преку која се транспортира околу една петтина од глобалната сурова нафта и течен природен гас. Сепак, од почетокот на конфликтот со Иран кон крајот на февруари, сообраќајот низ теснецот е значително нарушен, што предизвика раст на цените на енергенсите на светските пазари.
Според достапните податоци, во моментов низ теснецот поминуваат ограничен број бродови, претежно од земји како Обединетите Арапски Емирати, Индија, Кина и Саудиска Арабија.
Од почетокот на март, низ оваа стратешка поморска точка поминале околу 225 товарни бродови, што претставува пад од 93 проценти во споредба со периодот пред ескалацијата на конфликтот.























