
Иран поставил серија услови за евентуално завршување на конфликтот со САД и Израел, јавуваат меѓународни медиуми повикувајќи се на дипломатски извори.
Според информациите, меѓу клучните барања на Техеран се воспоставување траен мир наместо привремено примирје, осуда на, како што наведуваат, агресорот, исплата на воена отштета, целосно укинување на санкциите, како и признавање на правото на земјата за цивилна употреба на нуклеарна енергија.
Дополнително, иранската страна инсистира на гаранции дека конфликтот нема да се повтори, како и меѓународно признавање на нејзината контрола врз Ормутскиот теснец, кој има клучно значење за глобалната енергетска безбедност.
Во меѓувреме, останува нејасно дали постојат директни разговори меѓу Техеран и Вашингтон. Иако Доналд Трамп претходно изјави дека дијалогот е започнат, иранските власти го негираат тоа, посочувајќи дека комуникацијата се одвива исклучиво преку посредници.
Паралелно со дипломатските тензии, САД продолжуваат да го зголемуваат военото присуство на Блискиот Исток. Американскиот претседател најави можност за нови силни напади во наредните недели, додека министерот за одбрана не ја исклучи ниту опцијата за копнена операција.























