
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД се подготвени да преземат контрола над стратешки важниот Ормуски теснец, со цел да ја гарантираат безбедноста на пловидбата низ овој клучен поморски премин.
Во интервју за „Фокс њуз“, Трамп рече дека Вашингтон ќе дејствува како „чувар“ на теснецот и дека земјите кои имаат корист од безбедното минување треба финансиски да придонесат.
„Ние ќе го задржиме теснецот и веројатно ќе управуваме со него. Ќе бидеме чувари на теснецот и треба да бидеме платени за тоа“, изјави Трамп.
Тој нагласи дека САД нема да ја преземаат оваа улога бесплатно, додавајќи дека земјите кои зависат од слободниот проток на енергенси преку овој воден пат се богати и имаат интерес од неговата безбедност.
Изјавите на Трамп следуваат откако Иран соопшти дека преминот низ Ормускиот теснец е затворен поради, како што наведоа властите во Техеран, непријателски активности од страна на САД.
„Го преземаме теснецот. Тие немаат ништо“, порача Трамп, додавајќи дека САД ќе преземат мерки поради, како што тврди, прекршување на договорот од страна на Иран.
Ормускиот теснец е еден од најважните светски поморски коридори, низ кој поминува значаен дел од глобалната трговија со нафта и гас.

















