
Познатото шпанско летувалиште Ибица воведува построги правила со кои ќе се ограничи продажбата на стока од неовластени улични продавачи на плажите. Новите мерки предвидуваат казни не само за продавачите, туку и за туристите кои ќе купуваат од нив.
На плажите во општината Сант Жозеп, каде што во текот на сезоната работат голем број улични продавачи, наскоро ќе стапат во сила нови правила со цел да се спречи нелегалната трговија и продажбата на фалсификувана стока.
На една од најпознатите плажи на Ибица, Сес Салинес, често можат да се забележат и до 20 продавачи кои на туристите им нудат крпи, очила за сонце, капи, пијалаци, сладолед, но и производи со логоа на познати брендови за кои постои сомневање дека се фалсификати.
Според новата „Уредба за граѓански соживот“, купувањето од неовластени продавачи ќе се смета за прекршок. Туристите кои ќе бидат затекнати како купуваат вакви производи може да добијат парична казна од 150 евра.
Уште повисоки казни се предвидени за користење услуги од неовластени лица, како што се масажи на плажа, за што глобата може да достигне до 500 евра.
Најстроги санкции ги очекуваат самите продавачи. Доколку бидат фатени во нелегална продажба, тие може да бидат казнети со сума до 750 евра.
Локалните власти предупредуваат дека проблемот не е само во нелегалната продажба, туку и во тоа што приходите од фалсификуваната стока често завршуваат кај криминални мрежи.
Освен ограничувањата за трговија, новата регулатива воведува и пошироки правила за однесување во јавниот простор. Предвидени се високи казни за дискриминаторско, расистичко, сексистичко или хомофобно однесување, кои може да достигнат и до 3.000 евра.

















