УТРО.мк

Диететичарка ја открива вистината за мајонезот: Со години живеевме во заблуда дека е нездрав

Диететичарка ја открива вистината за мајонезот: Со години живеевме во заблуда дека е нездрав
Vero

Мајонезот со години важи за една од најконтроверзните намирници. Додека едни не можат да замислат сендвич или салата без него, други го избегнуваат поради уверувањето дека е штетен за срцето и придонесува за зголемување на телесната тежина.

Сепак, диететичарката и нутриционистка Софи Медлин смета дека мајонезот неоправдано има лоша репутација. Според неа, проблемот не е во самиот производ, туку во количината што се консумира и во целокупниот начин на исхрана.

„Една лажица мајонез во сендвич или салата може сосема нормално да се вклопи во балансирана исхрана. Не треба да се гледа како на забранета намирница, туку да се користи умерено“, вели Медлин.

Една супена лажица мајонез содржи околу 100 калории и приближно 10 грама масти. Тоа е повеќе отколку кај сенфот или сосовите на база на јогурт, но нутриционистите нагласуваат дека калоричноста сама по себе не значи дека храната е нездрава.

Една од предностите на мајонезот е што најголемиот дел од мастите потекнуваат од растителни масла и се незаситени масти, кои се сметаат за покорисни за кардиоваскуларното здравје. Освен тоа, тие му помагаат на организмот подобро да ги апсорбира витамините А, Д, Е и К, кои се растворливи во масти.

Медлин посочува дека замената на заситените масти со незаситени може да придонесе за намалување на ризикот од срцеви заболувања.

Кога станува збор за изборот меѓу класичен, лесен и домашен мајонез, таа вели дека не постои едно решение што е најдобро за сите. Лесниот мајонез содржи помалку калории, но често има згуснувачи, скроб и други адитиви, додека домашниот овозможува подобра контрола врз состојките, иако останува калоричен поради маслата што се користат.

Во последните години се променија и ставовите за јајцата. Новите истражувања покажуваат дека холестеролот од храната нема директно влијание врз нивото на холестерол во крвта, а поголем проблем претставуваат заситените масти, како оние во путерот и масното месо.

Сепак, нутриционистите предупредуваат дека мајонезот не е соодветен во големи количини, особено кај лица кои земаат лекови за разредување на крвта или лекови за слабеење, како и кај луѓе со алергија на јајца или соја.

Заклучокот на експертите е дека мајонезот не треба целосно да се исфрли од исхраната, туку да се консумира умерено, како дел од разновиден и балансиран начин на исхрана.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin