
Израелската армија е подготвена за нови воени дејства против Иран и, доколку биде потребно, земјата може да дејствува самостојно, без директно американско учество, порача израелскиот министер за одбрана Израел Кац.
Кац изјави дека израелските сили се во состојба на висока готовност за можно продолжување на воената кампања против Техеран. Тој нагласи дека Израел е подготвен и за целосно самостојни, „сино-бели“ операции, додавајќи дека доколку армијата повторно се врати во Иран, ќе дејствува „со уште поголема сила“.
Уште претходно, Кац соопшти дека заедно со премиерот Бенјамин Нетанјаху ѝ било наложено на армијата да ја зачува способноста за независно дејствување против иранската нуклеарна програма.
Нова ескалација околу Ормутскиот Теснец
Тензиите дополнително се зголемија откако иранската Револуционерна гарда објави дека Ормутскиот Теснец е затворен до дополнително известување. Според иранската страна, повеќе бродови се обиделе да користат неодобрена рута и не ги почитувале предупредувањата за промена на курсот.
Во меѓувреме, САД соопштија дека извршиле нови воздушни напади врз Иран по напад врз товарен брод под кипарско знаме во Ормутскиот Теснец. Бродот претрпел сериозно оштетување и пожар, а еден член на цивилниот екипаж се води како исчезнат.
Последните случувања дополнително ги зголемуваат стравувањата од нова поширока ескалација на Блискиот Исток. Пораките од Тел Авив покажуваат дека Израел сака да ја задржи можноста за независна воена акција против Техеран, додека кризата околу Ормутскиот Теснец повторно станува една од најопасните точки во глобалната безбедност и енергетската трговија.

















